Невроимунологија

neuroimmunology

Одделот за невроимунологија, Клиниката за неврологија
Раководител : Асс.Д-р Николина Тановска, спец. невролог
Одделенски лекар: пом. Асс. Д-р Габриела Новотни, спец. невролог

Имунологијата и функционирањето на невронските мрежи се двете најсложени и најинтригирачки полиња на модерната медицината.
…Непрекинатиот, константниот дијалог помеѓу нервниот и имунолошкиот систем, и деталите, поединостите за нивната интегрирана и функционална соработка на сите нивоа се предизвик и интерес во последните децении. Улогата на имуните клетки и имунолошките медијатори во иницијацијата и прогресијата на повеќе специфични невролошки болести, начинот на кој тие допираат до нервното ткиво, како допринесуваат во развојот и прогресијата на невролошките болести, како функционално ги онеспособуваат и уништуваат невроните, која е улогата на серумските антитела, генетските детерминати за овие состојби…одговорите на овие прашања се имплицирани во дијагностиката и лекувањето на невролошките болести со инфламаторна генеза…тежиштето на проблематиката која ја обработува Одделот за невроимунологија.

Одделот располага со 8 болнички кревети и воглавно третира пациенти со болести на нарушување на функцијата на невромускулната синапса, заболувања на централниот нервен систем-демиелинизирачки болести, заболувања на рбетниот мозок од различна етиологија (воспалителна, имунолошка, компресивна, метаболна..), болести на периферниот нервен систем (воспалителни, имунолошки, метаболни..), паранеопластични состојби, нарушувања на движењето-дистонии, но не изостануваат и цереброваскуларните болести, невродегенеративните заболувања (паркинсонизам, деменција, Wilson-ова болест, Chorea Huntington), болести на мускулите…
Во склад со претходно наведените категории на невролошки болести, и нивна соодветна дијагностика и следење, на Одделот за невроимунологија предвидени се низа параклинички иследувања: основните лабараториски иследувања, хемостаза, дијагностичка лумбална пункција, анализа на цереброспинален ликвор, електрофореза на ликвор, серолошки, вирусолошки, имунолошки испитувања, генетски иследувања (според индикација), неврофизиолошка дијагностика: електромиографија, евоцирани потенцијали, електроенцефалографија, невропсихолошко тестирање, Доплерсонографија на каротиди, неврорадиолошки иследувања (КТМ, МРИ, КТ ангиографија, венографија).
Доколку е неопходно, според индикација, дијагностиката се проширува и на поспецифични имунолошки иследувања: антитела на ацетилхолински рецептори, МуСК антитела, антитела кон напречно пругасти мускули, паранеопластични антитела, анти аквапорин 4 антитела, туморски маркери, вит. Б12, фолна киселина, одредување на бакар во серум и урина, церулоплазмин во серум, парапротеин, испитувања за тромбофилни состојби, наследни дефекти на коагулација, ендокринолошки иследувања.

Според патологијата, најчесто користена е имуносупресивна терапија- кортикостероиди, цитостатици, имуномодулаторна терапија (пациентите со мултипла склероза, оние кои ги исполнуваат критериумите се поставени на интерферонска терапија, а во склад со актуелните тераписки протоколи се прават напори за воведување на второлиниска терапија со natalizumab, а во иднина и новите орални имуномодулатори/имуносупресиви). Често применувана тераписка постапка е плазмаферезата (најчесто кај пациентите со мијастенична криза, акутни полирадикулоневрити (Guillain Barre, Miler Fischer sy.), релапси на хроничните невропатии (CIDP), а доколку можностите дозволуваат се применуваат и интравенски имуноглобулини.

За одбележување е апликацијата на Botulinum toxin кај фокалните дистонии, најчесто кај блефароспазам, хемифацијален спазам, цервикална дистонија.
Одделот, според природата на заболувањата, и мултидисиплинарниот пристап и во дијагностиката и лекувањето, е отворен и соработува со Клиниките за хематологија, ревматологија, неврохирургија, тораковаскуларана хирургија, кардиологија, ендокринологија, инфективни болести, Институтот за трансфузиона медиција, Институтот за радиологија, Институтот за имунологија, Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, и др.